Закон за заштита на децата: Родителски додаток за трето дете

Децата се наше најголемо богатство, наше наследство, наша иднина и се носители на мирот, љубовта и хармонијата во денешното современо живеење. Децата треба да се почитуваат како личности и да се помогне во нивниот развој, напредок како и да им се овозможи среќно и безгрижно детство. Секој поединец, семејство, држава треба да ги почитува правата на децата и да ги унапредува. Единствено нешто кое е заедничко за сите деца се нивните права. Според Декларацијата за правата на детето на ОН, секое дете треба да му биде загарантирано правото на живот, здравје, образование и игра, како и право на семеен живот, заштита од насилство и дискриминација и право на свое мислење.

Први јуни е Меѓународен ден за заштита на децата, ден кој треба да биде како и секој друг ден од годината  во кој ќе се забрани секаква форма на семејно насилство врз децата, родителска негрижа и нивно напуштање. Исто така, да се гарантираат основните права на децата на живот и здрава храна, образование, одмор и игра. Секоја држава треба да ги почитува правата на децата и да воспостави соодветни механизми за нивна имплементација и поефикасна примена на истите.

Родителите имаат и право и должност да се грижат и да ги издржуваат своите деца, да се грижат за нивниот живот и за нивното здравје, да ги подготвуваат за самостоен живот и работа, да се грижат за нивното воспитание, школување и стручно оспособување. Најпогодени во остварувањето на родителските права се Ромите поради нивниот економски статус, низок степен на образование, слаба комуникација со институциите и големата материјална необезбеденост. Општината Шуто Оризари бележи висока стапка на наталитет, но повеќето семејства се корисници на социјална помош и живеат со 40,00 денари на ден. Ваквата материјална несигурност не им дава услови за правилно подигање, грижа и едукација на своите деца.

Една од мерките предвидени во Законот за заштита на децата е правото на родителски додаток за дете и правото за остварување на овој додаток го има мајката. Овој вид на додаток е често побаруван од страна на жените Ромки од Шуто Оризари. Најчести проблеми со кои се соочуваат при поднесување на барањето за остварување на овој додаток е немањето на потврда од матничниот гинеколог за редовно контролирана бременост. Со оглед на фактот дека до денес во општина Шуто Оризари жените немаат матичен гинеколог, добивањето на оваа потврда оди многу потешко. Имено, не само што се изложуваат на патни трошоци како би посетиле гинеколог во друга општина, тие исто така се соочуваат со незаконска наплата на прегледите (кои да им следуваат бесплатно). Друга причина за недобивањето на оваа потврда е барањето од гинеколозите жените да ја платат потврдата. Според законските прописи потребно е барателката да е државјанин на Република Македонија најмалку 3 последователни години и да има постојано место на живеење кое се утврдува од нејзината лична карта. Правото не може да се оствари ако мајката во моментот на поднесувањето на барањето живее и работи во странство (азиланти и нивно враќање). Барање за остварување на право за родителски додаток за дете со потребна документација во прилог се поднесува до Центарот за социјална работа, надлежен за подрачјето на кое мајката има постојано место на живеење, на пример до Центар за социјални работи – Шуто Оризари, најдоцна до наполнети три месеци живот на детето и правото на родителски додаток за дете се остварува од денот на раѓањето на детето. Родителскиот додаток за трето дете се исплатува месечно, за период од 10 години, во висина од 8.048,00 денари.

Барањето за продолжување на правото на родителски додаток за дете за наредната година се поднесува до 31 март во таа година. Доколку барањето за продолжување на правото на родителски додаток за дете е поднесено после овој рок, барателот ќе се стекне со продолжување, односно користење на правото првиот ден на наредниот месец од месецот во кој е поднесено барањето за продолжување на правото. Но, мајката која го ужива ова право може и да го изгуби. Законот таксативно ги набројува причините поради кои може да се изгуби правото, а тоа се:

– не се вршат задолжителните вакцинации на детето согласно со закон и

 – детето не биде запишано и редовно не ја следи наставата во основно училиште согласно со закон. 

Исклучоци се дозволени само доколку поради болест или повреда детето е спречено редовно да ја посетува наставата и заради таквата спреченост вонредно го продолжува образованието согласно со закон и поради степенот на попреченоста не може да се образува согласно со закон.

Само да напоменам дека правото на родителски додаток за дете, кое како право и припаѓа на мајката, во определени околности може да го добие и таткото или друг законски старател и тоа во случаи доколку мајката не е жива, ако го напуштила детето, или од оправдани причини (болест, нарушена здравствена состојба, студиски престој, одземена деловна способност и сл.) да е спречена непосредно да се грижи за детето.

 

Ана Аврамоска Нушкова

Правник

Актуелно

Санела Емин: Театарот може да ги руши или да ги засили стереотипите

Санела Емин е една од малкуте дипломирани  актерки Ромки. Високото образование го завршува на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Зад себе има бројни претстави во кои имала главни улоги.„Откако го завршив факултетот, имав значајни улоги меѓу кои и драмата „Бегалка“ која ја опишува приказната во која девојката не ја почитува волјата на својот татко и наместо да се омажи за човекот кој ѝ го избра семејството, таа решава да побегне со момчето што таа го сака”, – вели актерката Санела. Повеќе »