Ромски здравствени медијатори – линк меѓу здравствениот систем и ромската популација
Според пописот во 2002 година, во Република Македонија живеат 53.879 припадници на ромската етничка заедница. Меѓутоа, според други студии кои се базираат на различни истражувачки техники, се укажува дека реалната бројка на ромското население е поголема, односно дека во Република Македонија живеат приближно од 80.000 до 135.000 Роми. Во однос на здравствената состојба на Ромите, низата на истражувања покажаа дека и оваа етничка заедница како и сите останати се соочуваат со исти хронични и малигни заболувања.
Меѓутоа, лекувањето на овие болести како и пристапот до здравствените институции е многу поразличен и потежок од останатите етнички заедници. Во овој поглед ромската популација е најризичната етничка заедница од останатите етничките заедници. Tоа е токму поради нивната недоволна информираност и слабата здравствена едукација на малцинството. Со оглед на тоа дека Ромите се соочуваат со ваквиот тип на проблеми, неопходна беше потребата од здравствени медијатори кои ќе бидат линк меѓу здравствениот систем и ромската популација.
Токму поради ваквите причини во 2010 година започна да се имплементира програмата Ромски здравствени медијатори од страна на Х.Е.Р.А – Асоцијација за здравствена едукација и истражување со поддршка на Фондација Отворено општество – Македонија и Министерството за надворешни работи на Норвешка. Истата година беше формирана мултисекторска работна група составена од релевантни институции и невладини организации која во соработка со Министерството за здравство на РМ подготви стратешка рамка за воведување на ромските здравствени медијатори (РЗМ). На иницијатива на Министерството за здравство, во 2011 година, во насока на унапредување на здравствениот статус на ромското население, стратешката рамка беше усвоена од страна на Владата на Република Македонија.
Денеска, во Република Македонија има повеќе од 35 обучени ромски здравствени медијатори кои се стекнаа со диплома од Средното медицинско училиште „Д-р Панче Караѓозов“- Скопје. Ромските здравствени медијатори се распространети низ целата територија на Република Македонија. Во моментот, вкупно 10 РЗМ се во работен однос од кои 5 во Скопје (Шуто Оризари 2, Карпош 1, Гази Баба 1, Ѓорче Петров 1), 2 во Тетово, 1 во Гостивар, 1 во Кочани и 1 во Делчево.
Ромските здравствени медијатори се линк меѓу здравствениот систем и ромската популација. Тие ги информираат Ромите за нивните здравствени права, за тоа колку е важна редовната имунизација, примањето редовна терапија, почесто посетувањето на гинеколог, поседување на здравственa документација како и документи за остварување на здравственото осигурување. Со помош на Ромските здравствени медијатори, ромската етничка заедница се здобива со низа информации за здравствени и социјални услуги кои им следуваат на пациентите, им помагаат при пополнување на потребната документација и им даваат совети од областа на здравството. Освен тоа што пациентите Роми се здобиваат со низа услуги во областа на здравството, Ромските здравствени медијатори им помагаат и при вадење на лична и здравствена документација. Ромските здравствени медијатори, исто така ги придружуваат Ромите до релевантната институција или организација доколку тоа е неопходно. Од ден на ден, благодарение на ромските здравствени медијатори, значително расте бројот на Роми кои веќе имаат здравствено осигурување и здравствена документација. Ромите веќе се информирани за постоењето на ромски здравствени медијатори и често ги посетуваат нивните работни простории. Освен тоа што се спремни да се соочат со било каков проблем во врска со ромското здравје, со нудење на услуги на терен ги намалуваат бариерите на ромската популација до здравствените институции.
Ромската популација има навистина бенефит и значително подобрување во однос на здравствената состојба на Ромите, меѓутоа оваа бројка на ромски здравствени медијатори не е во можност да ги задоволи потребите на сите Роми во Република Македонија поради што неопходно е да се зголеми бројот на ромски здравствени медијатори со цел да се покријат сите општини каде што живеат Роми. Во иднина таквиот пристап до ромската популација ќе го подобри здравствениот статус на ромското население.
Асиб Зекир,
Одговорно лице за координација со РЗМ