Сервиси од страна на граѓанските организации – партнер на државата, глас на граѓаните

Во последно време сѐ повеќе се зборува за потребата од здравствени и социјални сервиси. Граѓаните иако од името тешко разбираат што се тие и која е нивната улога, всушност ја идентификуваат нивната важност при секое одговарање на прашањето „има ли кој да ви помогне, каде да се обратите?“

Накратко, според Светската здравствена организација, здравствените сервиси ги вклучуваат сите услуги кои се занимаваат со дијагноза и третман на болести, или промоција, одржување и враќање на здравјето. Тие вклучуваат лични и нелични здравствени услуги и се највидливите функции на било кој здравствен систем, како за корисниците, така и за пошироката јавност.  Обезбедувањето на услуги зависи од тоа како парите, персоналот, опремата и лековите се комбинираат, за да се овозможи испорака на здравствени интервенции.

Секако, здравствените сервиси е најважно да им бидат достапни на најранливите заедници и оние кои се веќе во социјален ризик, заради веројатноста од нивното социјално исклучување. Во овој контекст и конкретно за Ромите, неопходно е да се обезбеди полесен и поквалитетен пристап до здравствени услуги за пациентите Роми преку здравствени сервиси блиску до нив. Токму тука граѓанските организации се појавуваат како неопходни за надминување на јазот кој се појавува помеѓу јавното здравство и потребите на граѓаните за остварување на здрав живот.

Теренската работа им помага на организациите одблиску да ги идентификуваат потребите и проблемите со кои се соочува заедницата и да креираат пакети кои навремено и адекватно ќе им помагаат на луѓето. Помошта може да биде преку воспоставување на сервиси кои даваат директни и индиректни здравствени услуги, според потребите на заедницата. Индиректни услуги се оние каде медицинската поддршка се обезбедува преку систем на упатување до соодветни здравствени институции со кои граѓанските организации веќе имаат воспоставено соработка (на пример инфективни клиники, центри за доброволно советување и тестирање, дерматовенерологија, стоматолошка пракса итн). Директните услуги се организирани од граѓански организации кои имаат ангажирано медицинско лице или медицински тимови кои се стручни за вршење на прегледи, но  вршат и советување и едукација на здравствени теми, вршат превенција на разни заразни болести како што се хепатитис Б и Ц, ХИВ и други сексуално преносливи болести итн. Сервисите кои ги има воспоставено ХЕРА се фактички пример за креиран пакет од услуги кои им недостасувале на целната група и кои тешко или воопшто не би можеле да ги добијат надвор од овој формат.

Од друга страна, со оглед на тоа дека постои законска можност државните органи да делегираат надлежности и функции на други правни субјекти кои што можат да ги вршат во нивно име и за нивна сметка, граѓанските организации може да се вклучат во системот како даватели на услуги. Она што е потребно е граѓанскиот сектор да биде вистински препознаен од страна на државата како партнер и да добива доволно финансиски средства за да може непречено да функционира. Истовремено тоа ќе придонесе кон можност да се прошири понудата на услуги, но и територијално да се зголеми опфатот. Ваквото функционирање нема да предизвикува конкуренција, туку ќе ги подобри квалитетот на живот на граѓаните и ќе ја покаже вистинската грижа на државата за своите граѓани.

Потребата од постоење сервиси е универзална за сите земји и само како илустрација го земам примерот на ЕУ. Европската комисија во својот предлог за Европска столб за социјални права го смета пристапот до сервисите како право, што треба да се гарантира како такво. Европската платформа против сиромаштија оди чекор понатаму и прави градација на сервиси кои се од суштинско значење и чие постоење мора да биде воспоставено, без никакво условување. Во нив се вклучуваат сите основни сервиси за кои луѓето имаат потреба и имаат право на нив, без оглед на статусот на вработување, а со цел да им се гарантира достоинствен живот, сметајќи дека тие ќе ја дадат основата за барање работа и активно учество во општеството (меѓу нив се пристапот до домување, енергија, општо образование, здравје, грижа за децата).

Многу е важно во палетата на сервиси да не се изостават социјалните, како клучно поврзани со здравствените. Во моментов Македонија се соочува со централизиран и институционализиран систем на социјални услуги. Искуствата покажуваат дека институциите од повеќе причини немаат доволен капацитет да даваат квалитетни и навремени услуги кон граѓаните. Затоа неопходно е ден поскоро да се спроведат социјални реформи во кои ќе донесат плурализација и нови подвижни, деинституционализирани услуги за повеќе категории социјално исклучени групи.

 

Билјана Дуковска,

Претседателка на

Македонска платформа против сиромаштија

Актуелно

Санела Емин: Театарот може да ги руши или да ги засили стереотипите

Санела Емин е една од малкуте дипломирани  актерки Ромки. Високото образование го завршува на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Зад себе има бројни претстави во кои имала главни улоги.„Откако го завршив факултетот, имав значајни улоги меѓу кои и драмата „Бегалка“ која ја опишува приказната во која девојката не ја почитува волјата на својот татко и наместо да се омажи за човекот кој ѝ го избра семејството, таа решава да побегне со момчето што таа го сака”, – вели актерката Санела. Повеќе »