Со насмевка до подобро здравје

Уште еден ноемвриски ден, сонцето повеќе свети отколку што грее, но пред мене е големо изненадување – Детско игралиште на сред село. Деца насмеани и весели, среќа од очите им извира. Јас пак дојдов во патронажна посета, да ги видам најпрво бебињата, потоа и старите лица, да им измерам притисок, а сите се концентрираат на лулашките, кај лизгалката се чека ред.

Јас сум Ружа Вазлиска, единствената патронажна сестра во општина Пехчево, со 35 години работен стаж. Селото Црник е мултиетничко село во кое живеат Роми, Турци и Македонци. Тоа е место кое редовно ме изненадува последните 5 години и е доказ дека здравјето може да ги зближи и сплоти луѓето. Сѐ започна со едукацијата за важноста за вакцините, па продолжи со бесплатните прегледи со мобилната гинеколошка амбуланта. Неделата за имунизација секоја година е вистински празник во селото и селаните со задоволство зборуваат како редовно си ги вакцинираат децата. Она што ме чуди е сѐ што се менува во селото некако е поврзано со здравството и напредокот во селото е како последица на здравството. Има тука силна екипа, здружени луѓе кои знаеја како да дојдат до амбуланта не со плачење, туку со стекнати знаења за своите права. Еве се зборува дека селаните се избориле да имаат и доктор наскоро.

Ми приоѓа Џинеј, активист од Невладината организација КХАМ и ми вели: „Kако си тетка Ружа?“ „Добро“, му велам „Џинеј, честито Детско игралиште. Секоја чест! Од кого ви е донацијата?“  Се насмевна Џинеј и погледна во другар му Сунил. „Не е некоја донација, ова е чиста филантропија од наш соселанец кој поодамна не живее во селото, но сака да помогне. Кога побаравме помош, филантропот нѐ праша зошто од толку потреби баш се одлучивте да барате средства за детско игралиште. Му рековме: Детското игралиште ни е за децата, а децата ги чуваат постарите лица. Па кога доаѓате од Здравствениот дом за патронажните посети, мерење на притисок и шеќер, сите постари луѓе ќе се покрај внуците. Исто така, од 2018 година ќе почнеме со едукација за машкото здравје и грижата за истото, па кога се договориме ќе можат и докторите да вршат едукација тука.“

Се замислив, како ли само се досетиле селаните. Се прашувам зошто ова не се случува и во другите села и тие да може да се организираат и да си бидат група за самопомош. На едно место сите се заедно, Роми, Турци, Македонци и токму здравјето ги обединува. Борбата за подобро здравје ги зближува луѓето, се разбираат и се почитуваат. Погледнав пак во децата. Образите им беа вцрвенети од студ, но се гледа дека беа многу среќни. Среќни беа и нивните дедовци, ги гледаат како се радуваат. Сите заедно уживаа, и стари и млади.

Сепак се соземав, не дозволив да ја прекршам мојата медицинска должност и му реков: „Џинеј, ветувам дека кога ќе биде топло ќе мериме притисок и шеќер кај игралиштето, а сега по дома. Сите кои им треба проверка дома, нели гледате дека смрзнувате.“ Сепак длабоко во себе се насмевнав и се прашав кој ли е тој филантроп кој не сака јавно да се истакнува, кој е донаторот на игралиштето. Џинеј рече „Зоки знае, ако инсистираш ќе ти каже“. И го прашав Зоки, по долго натегање го кажа само името. „Човекот се вика Ферки и е од село Тработивиште“, само толку ми кажа Зоки. Игралиштето има само една порака: Со насмевка до подобро здравје. Епа, жители на село Црник, секоја чест, сте избрале како да го чувате вашето здравје, имате еден голем лајк од тетка Ружа.

 

Ружа Вазлиска,

Патронажна сестра

Актуелно

Санела Емин: Театарот може да ги руши или да ги засили стереотипите

Санела Емин е една од малкуте дипломирани  актерки Ромки. Високото образование го завршува на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Зад себе има бројни претстави во кои имала главни улоги.„Откако го завршив факултетот, имав значајни улоги меѓу кои и драмата „Бегалка“ која ја опишува приказната во која девојката не ја почитува волјата на својот татко и наместо да се омажи за човекот кој ѝ го избра семејството, таа решава да побегне со момчето што таа го сака”, – вели актерката Санела. Повеќе »