Што е она што ме мотивира да работам како Ромски здравствен медијатор?

Јас сум Ајтен Селмани од Гостивар, ангажирана како Ромски здравствен медијатор во мојот роден град. Среќна сум што ја имам можноста да ја работам оваа работа најмногу затоа што сакам да и помагам на мојата заедница, да учествувам во подобрувањето на условите и да им помогам на сите да имаат пристап до здравствената заштита која им следува. Особено задоволство ми причинува едуцирањето и дополнително зајакување на Ромите во остварувањето на своите права.

Откако ја завршив обуката и се стекнав со сертификат за завршен курс за Ромски здравствени медијатори (РЗМ), со работа најпрво започнав во поликлиниката во Ѓорче Петров (Скопје),  а потоа со работа продолжив во Јавната здравствена установа за трудова медицина во Гостивар, каде работам и денес.

Што е она што јас го правам секојдневно? Мојата работа е теренска, му помагам на ромското население при отворањето на семејни картони, посредување и советување за остварување на своите здравствени права, советување околу вадење на лична и здравствена документација, навремено пријавување на новороденче и едукација за важноста од избирање на матичен лекар, гинеколог, педијатар, стоматолог, како и едуцирање на населнието за битноста од редовни лекарски прегледи.

На терен, во заедницата, се соочуваме со многу различни проблеми. Ромите се наоѓаат на маргините на општеството, имаат низок степен на образование и се слабо информирани за своите здравствени права. Многумина од нив не се евидентирани во матичната книга на родени, па затоа и луѓето на терен најмногу бараат помош околу остварувањето на правото за здравствено осигурување. Исто така, на ромското население му помагаме во пополнување на формулари и други документи за пререгистрација и апликација за електронски здравствени картички. Кога има потреба посредуваме и ги придружуваме пациентите до здравствените институции и центрите за социјална работа, каде се врши остварување на правото за социјална помош, како и до Министерството за внатрешни работи каде можат да се стекнат со лична карта, извод од матичната книга на родени и пасош. Сите овие работи ние како ромски здравствени медијатори можеме и ги правиме за да им помогнеме на Ромите.

Како ромски здравствен медијатор, најголема мотивација во работата ми е чувството дека помогам на ромската заедница, особено на онаа категорија на луѓе кои живеат во лоши социо-екомонски услови, секојдневно се соочуваат со најразлични проблеми во животот, водат борба за егзистенција и луѓе кои имаат голема потреба од нашата помош во надминување на секојдневните бариери во здравствениот систем.

За да ви доловам зошто ја сакам мојата работа и секој ден сум на терен, би навела еден од позитивните случаи, кој јас како ромски здравствен медијатор успешно го спроведов. Имено, при посета на терен наидов на лицето О.Б. кој е на возраст од 20 години. О.Б. при разговор ми кажа дека чувствува болка во градите, кашла подолго од три недели, неколку пати искашлувал и крв, имал треска, ноќно потење и покачена телесна температура. Бидејќи до сега тој и неговото семејство го немаат остварено правото на здравствено осигурување и не се приматели на социјална помош, заедно со него и неговата сопруга најпрво отидовме до ФЗОМ каде ни кажаа дека ќе треба да платат партиципатија за вадење на електронска здравствена картичка бидејќи не се приматели на социјална парична помош. Меѓутоа, клиентот не беше во можност да ги даде тие парични средства, по што со помош на д-р Ариф Пини од Гостивар успеавме да ја платиме партиципација за него и трите деца, а сопругата не можеше да го оствари правото на здравствено осигурување затоа што не се венчани. За таткото и трите деца потополнивме образец за издавање електронска здравствена картичка, пријава одјава за задолжително здравствено осигурување. По земањето на здравствена картичка лицето О.Б. го упатив до матичниот лекар и утврдено е дека боледува од туберкулоза. Лекувањето беше завршено успешно, а и целото семејство сега е здравствено осигурано.

Доколку имате потреба од здравствен медијатор за ваков или сличен случај, можете да ме побарате во ЈЗУ за трудова медицина во Гостивар, заеднички да го побараме решението на проблемот.

 

                                                                                                                                            Ајтен Селмани

                                                                                                                                             РЗМ Гостивар

Актуелно

Санела Емин: Театарот може да ги руши или да ги засили стереотипите

Санела Емин е една од малкуте дипломирани  актерки Ромки. Високото образование го завршува на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Зад себе има бројни претстави во кои имала главни улоги.„Откако го завршив факултетот, имав значајни улоги меѓу кои и драмата „Бегалка“ која ја опишува приказната во која девојката не ја почитува волјата на својот татко и наместо да се омажи за човекот кој ѝ го избра семејството, таа решава да побегне со момчето што таа го сака”, – вели актерката Санела. Повеќе »