Стрпливоста, разбирањето и хуманиот пристап кон пациентите спасуваат животи

Итната медицинска помош носи безброј приказни, се спасуваат човечки животи и пред сѐ се прават напори да му се помогне на човекот кога му е најпотребно. Во поголем број на случаи, од терен со насмевка се враќаме на работното место, но за жал не секогаш можеме да помогнеме приказните да имаат среќен крај. Во секој случај, наша обврска како здравствени работници е да помогнеме на личноста на која ѝ е потребна медицинска помош, па дури и да се работи за трагедија, да може да ја прифати загубата и да се посвети на сопствениот живот и на најблиските.

Како вработен доктор во итната медицинска помош во Делчево, токму таков случај доживеав пред извесен период. Од матичен гинеколог добив дојава за случај на жена Ромка на 40 годишна возраст, мајка на 3 деца, бремена со мртов плод, кој го носи во себе една седмица. За жал, прекасно се јавила на лекарски преглед кај матичниот гинеколог, лекарот констатирал дека станува збор за мртов плод по што итно пријави во Итната медицинска помош за транспорт на Клиниката за гинeкологија и акушерство во Скопје со придружба од лекар и медицинска сестра – акушерка. Тоа е медицинскиот дел, но наша работа е да ја спасиме пациентката бидејќи истата не беше свесна дека и нејзиниот живот без интервенција беше загрозен. Најпрво, пациентката одби да патува на клиниката во Скопје, но по долго убедување и информирање за последиците, како и дека нејзиниот живот е во опасност, се согласи да тргне за понатамошен третман. Аплицирана ѝ беше инјекциона терапија и беше следена состојбата на пациентката. Паралелно, по пат, детално ѝ објаснував за интервенцијата која ќе треба да следи, третманот и важноста за нејзиното здравје.

Не беше лесно, воопшто не беше лесно, сочуствував со нејзината болка, но помислата дека дома ја чекаат трите дечиња ми даваше енергија да бидам упорен, стрплив и до крај по секоја цена да го спасам животот на жената. Кога стасавме на Клиниката за гинeкологија и акушерство во Скопје, повторно беше прегледана од лекар – гинеколог и ѝ беше објаснето сѐ, како за патологијата, така и за интервенцијата која ќе следи. Токму  овој медицински речник предизвика пациентката повторно да одбива било каква медицинска помош, рече дека докторот може само да се гледа преку стомак на ЕХО, а интервенција не доаѓа во предвид. Гинeкологот ѝ објасни дека тоа не е возможно да се направи, бидејќи човечкиот организам не е таков како што ние ќе си го замислиме.

Во тој момент пациентката категорично рече: „Не останувам во болница, се враќам во Делчево, што ќе биде со мене судбината нека одлучи.“ Морници ме полазија по целото тело. Си реков дека нема да дозволам таков пропуст и да ме гризе совест зошто ќе прифатам неоправдана одлука која ќе треба да се плати со живот. Одлучив дека нема да дозволам трите дечиња да останат сираци заради неедуцираност, неинформираност и неможноста оваа жена да донесе разумна одлука. Се зафатив и започнав да ѝ објаснувам на мајката да се обиде да размисли дали има за што да живее. Да размисли што претставуваат за неа трите деца дома, да се сети на нивните родендени и што уште можат заедно да направат. После 2 часа убедување и психолошки третман од моја страна и од страна на дежурниот гиниколог  пациентката прифати на направи интервенција во сала.

После направената интервенција се враќам со тимот на Итната помош назад за Делчево. Со нашата упорност, убедување, објаснување со разбирлив јазик успеавме да спасиме еден живот. Сакам да напомнам дека во нашата пракса покрај соодветното стручно познавање, потребно е и стрпливост, желба да се помогне и кога до некој тоа не допира.

Откако сѐ се заврши во најдобар ред, размислував што ако пациентката одлучно не сакаше да прифати да се направи интервенција без нејзина согласност. Во таква ситуација не можеш да направиш ништо бидејќи постои закон за права на пациенти, информираност, одлука од страна на пациентите. Зарем треба да се умира од незнаење, од непочитување на совети од стручни лица? На крај, иако бев изморен од патот, работата, сепак имав позитивно чувство дека сум помогнал во ситуација кога било најпотребно.

Сакам да напомнам дека во иднина треба да се даде главен акцент за поголем број на едукации, информирање и работа со одредени групи на граѓани, каде размислувањата се во друг правец, далеку од оние реалните.

 

М-р д-р Гоце Стојменовски,

Итна медицинска помош – Делчево

Актуелно

Санела Емин: Театарот може да ги руши или да ги засили стереотипите

Санела Емин е една од малкуте дипломирани  актерки Ромки. Високото образование го завршува на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Зад себе има бројни претстави во кои имала главни улоги.„Откако го завршив факултетот, имав значајни улоги меѓу кои и драмата „Бегалка“ која ја опишува приказната во која девојката не ја почитува волјата на својот татко и наместо да се омажи за човекот кој ѝ го избра семејството, таа решава да побегне со момчето што таа го сака”, – вели актерката Санела. Повеќе »