Приказната на Есма Мустафовска: Живот како на филмско платно

Здравствен работник сум околу 40 години. Работата мене не ми е багаж кој го влечам со себе туку задоволство без кое јас не би била вистинската јас.

Се викам Есма Мустафовска, вработена како Лаборант во Здравствениот дом „Гоце Делчев“ во Делчево. Зад мене е животно искуство на кое можат да ми позавидат и филмски глумици, затоа што во животот имам поминато повеќе и од најголемите хуманитарци.

Средно медицинско училиште завршив во Скопје како единствена Ромка во генерацијата 1973/74 година. Бев одлична ученичка, секогаш истакнувана и наградувана во генерацијата. Учењето ми беше вистинско задоволство, но и предизвик. Предизвик затоа што секогаш со страхопочит гледав кон луѓето со бели мантили. Уште како дете ги лечев куклите и им „земав крв“ од прстињата.

Дружењето со генерацијата беше само за пофалба и се сеќавам на тоа што не обединуваше и што не направи вистински луѓе и здравствени професионалци. Сепак, вистинските предизвици во животот дојдоа по завршувањето на средното образование. Работа немаше, а јас не завршив училиште за да седам дома. Токму заради тоа, активно барав работа и ја најдов во тогашната покраина Косово. Работев во мултиетничка средина со колеги Срби, Албанци, Хрвати и функциониравме беспрекорно. Здравствената етика и хуманоста ни беше во преден план и секој пациент ни беше подеднакво важен. Таму научив да ги сакам луѓето какви што се и со сигурност знам дека не треба истите да се трудиме да ги промениме, туку доволно е да го разбереме проблемот кој го носат со себе.

По завршувањето на договорот во Косово добив понуда да работам во Либија. Живот динамичен како на филмско платно, можност за средби со други култури и обичаи. Ценета, почитувана, како и што и треба да е вистинскиот статус на здравствен професионалец. Секогаш кога на телевизија има емисија за Либија ми се стега грлото. Прекрасна земја, штета е голема како од можен рај се дојде до сегашниот пекол. Од каде се роди толкава омраза?

Конечно, во 1984-та година со сопругот и двете деца се вративме во Делчево. Повторно немаше работа. Отидов и на разговор кај тогашниот претседател на општината. Прашав до кога ќе чекам бидејќи јас сум со искуство, а некако работа има за други, но никогаш не и за мене. Ми препорача да напишам барање во кое ќе наведам со кое искуство располагам. За 5 дена ми се јавија дека сум примена и да тргнам на работа. Срдечно ми честитаа и ми рекоа дека искуството што го носам со себе е непроценливо.

И еве, веќе 23 години сум дел од Здравствениот дом „Гоце Делчев“ во Делчево. Години исполнети со љубов кон луѓето, благороден пристап и желба да се помогне секому. Но, верувајте на Ромите им треба помош уште повеќе затоа што од една страна не се информирани за сè што е во здравството, и верувајте потребно е повеќе време да се објасни, но од друга страна некои семејства немаат пари ниту за партиципација. Многу ме боли кога гледам дека некои немаат пари ниту за лекови и секаде каде можам помагам и со својот авторитет влијаам и на моите колеги. Токму заради тоа потребно е да има што повеќе Роми во здравствениот систем, користа е двострана: директна помош на Ромите како пациенти и сензибилизација на здравствениот персонал за проблемите на Ромите.

Знам дека платите не ни се високи, дека во Германија се заработува многу подобро, но нема поголемо задоволство да им се помага на своите. На сите млади Роми кои ќе се запишат на студии по медицина би им порачала: учете многу, дури и повеќе од другите и секогаш да се докажувате. Но, верувајте вреди, затоа што здравјето е бесценето, а нашата работа е благородна и незаменлива.

 

Есма Мустафовска,

Лаборант

 

Актуелно

Санела Емин: Театарот може да ги руши или да ги засили стереотипите

Санела Емин е една од малкуте дипломирани  актерки Ромки. Високото образование го завршува на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Зад себе има бројни претстави во кои имала главни улоги.„Откако го завршив факултетот, имав значајни улоги меѓу кои и драмата „Бегалка“ која ја опишува приказната во која девојката не ја почитува волјата на својот татко и наместо да се омажи за човекот кој ѝ го избра семејството, таа решава да побегне со момчето што таа го сака”, – вели актерката Санела. Повеќе »